Tuesday, January 05, 2016

(Не)Среќна Нова Година - Прв Дел

Некако ја запоставив македонската верзија од блогов. Можеби затоа што немам што убаво да напишам за земјава. Не јас, така велат планетите.

Протолкував неколку астролошки аспекти и ги запишав уште пред некој да помисли дека ќе биде возможен таков исход. Владава навистина падна кон крајот на годинава и земјава се соочи со потенцијален банкрот. Што понатаму?

Во претпоследниот квартал Септември-Декември 2015, Марс беше во 10.поле = огромен притисок врз власта, тешки проблеми на владата, што го донесе нејзиниот пад и назначувањето на техничките министри од СДСМ. Тој период во 10.поле се најде и Јупитер како планета со најпозитивни влијанија, што на власта и даде каква-таква сила да ги издржи проблемите и нападите.

Некако слична приказна ќе и биде периодов кој претстои. Побрзав да ги запишам овие забелешки, оти веќе почнаа разврските. Да не испадне дека не сум кажал после.

Последниот Квартален Хороскоп за Република Македонија 0 степени Јарец

ГРУЕВСКИ СИ ЗАМИНУВА

Во последниот квартал за 2015, Декември 2015 - Март 2016, Марс пак е во 10. поле, овојпат осамен и повторно во афликција. Тоа ќе даде уште поголеми проблеми за владејачките кругови, веројатно тоа е оставката на Груевски. Можни се и кривични пријави, апсења. Овојпат го нема Јупитер во 10. некого да спасува.

Никому не му се верува, но како минува времето, се поизвесно е трајното политичко заминување на Груевски. Мислам дека тој е политичар со Уран или Плутон во 10. поле, она кое што еден обичен човек го издигнува од рамките на анонимноста и секојдневието и го воздигнува во небесата на апсолутната моќ, полетната сила која не знае за пречки и граници. Но, тоа е сила која знае и стрмоглаво да ве тресне на земјата, без да ви даде шанса за мирен пад.

Ќе се прашате како тој успева да ги скроти во себе тие сили? Преку ладно резонирање. Да беше Овен или Лав, до сега многупати ќе изгореше во сопствениот оган. Но, тој е Девица, студено резонира, не се залетува, внимателно испитува околу себе, па тогаш стапнува. Секој негов потег е влечен после големи анализи и консултации. Никогаш не мирува, знаејќи дека и најмало опуштање може да значи крај, навистина работи 24/7, ги ангажира сите околу себе, им ѕврцка и доцна по полноќ; тоа станало дел од него, негов начин на живот. Нема имагимација, само логика. Нема креативност, строго запишани говори и обраќања. Термините како Вмро, Македонија, инвестиции, вработувања, сето тоа се само тригер зборови кои служат на целта. Силната енергија на Плутон/Уран кон врвот на небото, проникливата интелигенција, проследена со доследна, макотрпна работа го направија еден од најмоќните луѓе кои државава воопшто ги имала. 

Од „бомбите“ на Заев најеклатантно видовме како владее една Девица: никому не му наредува, настапува од висина, но ги почитува подредените, секому со суптилно наговестување, преку разговор, му ги посочува потезите кои ќе се влечат, никого не убедува дека токму тие потези се најправилни, туку дури соговорниците ги прашува за мислење, за совет, „како е најдобро да направиме“, или „јас мислам вака, ти што мислиш“, иако многу повеќе од јасно е дека секое поинакво мислење или поупорно спротивставување може да значи и деградирање, ако не и нешто повеќе. Тој знае дека тоа е шаблон кој функционира и го применува успешно на круг на луѓе кои ги има поставено на клучните позиции. Сѐ е пресметка, а дејствијата зависат од резултатот. Не ги крши законите директно, туку ги менува и ги прилагодува кон своите потреби. Навистина, подолг и помакотрпен процес, но тоа е ладната интелигенција на Девицата, со што има покритие дека сите дејствија му се според законите.

Неговиот пад од врвот на политиката нема да биде поради некој друг. Тој ќе падне само поради самиот себе и потезите кои самиот свесно се одлучил да ги направи, а за кои знаел дека не се добри. Можеби тоа било помалото зло во дадениот момент, но денеска му се враќа како бумеранг десеткратно и нему тоа потполно му е јасно.

ТЕХНИЧКИ ПРЕМИЕР

Иако ова заминување на Груевски од премиерската позиција е „техничко заминување“, сепак, сите се свесни за непоправливата штета која со себе тоа ја носи. Тој најмногу од сите.

За негов наследник како технички премиер сите индиции говорат дека ќе биде знак под влијание на Венера, како влад. на 10.поле (Вага, можеби Бик). Ќе биде добар избор во однос на проблемите со кои се соочува земјата, ќе се обиде да ги решава (добрите аспекти на Венера со Меркур 0 Плутон, како и со Јупитер), сепак, без многу голем успех. Нема да биде ни Тодоров, ни Милошевски. Венера во Шкорпија ми дава аналогија дека Никола Поповски од Надворешни Работи е меѓу сериозните кандидати. Во секој случај, очекувајте интересен избор, можеби и жена (Венера)! Но, кој и да биде, Венера е во опозиција со Месечината (народот), ќе биде непопуларен и промашен избор за широките народни маси.

За останатите можни случувања во РМ периодов кој следува, читајте во ВТОРИОТ ДЕЛ.

No comments:

Post a Comment